Малцински избори

Оваа година се одржаа избори за Совети и на националните малцинства во РХ. Новоизбраните членови на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, на 7 јуни, во просториите на Градската управа ја имаа својата конститутивна седница. Присутните во име на градоначалникот Милан Бандиќ ги поздрави заменичката на градоначалникот Јелена Павичевиќ Вукичевиќ, посакувајќи им успешна работа и добра соработка. Досегашна пракса беше седницата да ја води најстариот член на Советот, но оваа година имаше измени, т.е. седницата ја водеше членот со најмногу освоени гласови на одржаните избори. Бидејќи имавме три члена со ист број освоени гласови, тие меѓусебно се договорија седницата да ја води Тинка Б. Крстева заедно со Љилјана Клашња, помошничка на раководителката. На седницата присуствуваа 24 новоизбрани членови, еден беше отсутен од оправдани причини.
Беше избрана мандатна комисија во состав Моника Кордиќ и Споменка Демниева, членови и Јангел Малинов, претседател, којшто поднесе извештај и ги верифицира мандатите на избраните членови на Советот.
Седницата продолжи со избор на двајца членови, Олга Чичек и Горан Андоноски, за спроведување на тајното гласање. По гласањето и пребројувањето на гласовите, за претседател на Советот на македонското национално малцинство е избран Благоја Мирчевски, а за потпретседателка, Тинка Б. Крстева. Седницата помина во одлична атмосфера. Ја користам оваа прилика во името на сите членови на Советот да се заблагодарам на тимот од Градската управа чијашто организациска и техничка опременост помогна седницата да помине во најдобар ред.

Тинка Б. Крстева