Ден на национални малцинства Зрињевац 2019

На 16 јуни годинава по деветти пат во павилјонот Зрињевац се одржа Денот на националните малцинства на Град Загреб. На манифестацијата зедоа учество 18 национални заедници на чиишто штандови беа изложени специјалитети од националните кујни, како и дел од нивната издавачка дејност.
Во своето обраќање на присутните, претседателот на Координацијата на советите и на претставниците на Град Загреб, Душан Мишковиќ, истакна дека во историјата на Загреб и на Хрватска националните малцинства дале исклучително голем придонес и дека целта на активностите на националните малцинства е да се прикажат обичаите, носиите, културата и издаваштвото.
Александар Толнауер, претседател на Советот на националните малцинства на РХ, во својот поздравен говор рече дека припадниците на националните малцинства својот идентитет го црпат од два корена: припадноста кон националното малцинство и хрватското државјанство, нагласувајќи дека толеранцијата на различностите е одлика како на Европа така и на Загреб.
Милан Бандиќ, градоначалникот на Загреб истакна дека Загреб е мултиетнички град и треба да биде пример на другите градови. „Заедничкиот живот со малцинствата е моја искрена желба и желба на мнозинскиот народ. Ние тоа го живееме, не го заговараме. И мнозинството и малцинствата, сите заедно ја чуваме секоја педа на главниот град за тој и понатаму да остане најпосетена туристичка дестинација во секое време од годината“ – рече во својот говор градоначалникот Бандиќ. Со него беа и членовите на неговиот тим одговорни за националните малцинства: Андрија Петровиќ, водител на Службата за националните малцинства за Град Загреб, и Љилјана Клашња, помошничка на раководителката за промоција на човекови права, цивилно општество и национални малцинства за Град Загреб.
Посетителите на манифестацијата имаа можност да ги видат народните носии на малцинствата, а потоа следеше музичка програма со настап на пејачките и фолклорните групи, каде што настап имаа и членките на пејачката група Моми бисерни при МКД Охридски бисер под водство на маестро Сафиудин Алимовски. Тие се претставија со песните: Мариче ле, лично девојче, Бог да бие Тине мајка ти, Ој девојче, девојче и Лош дедо, бре.
Без лажна скромност ќе кажеме дека посетителите со големо нетрпение го очекуваа почетокот на програмата за да можат да ги вкусат македонските деликатеси. Македонскиот штанд беше богато украсен со народни носии, рачно везени марамчиња и ткаени килими и имаше голема понуда од македонски специјалитети: задолжителното тавче гравче, баклава, баница со сирење и зеленчук, погача, бабини колачиња, лепчиња со ајвар, проја, домашни кифлички. Посетителите имаа можност да пробат струмичка мастика и жолта ракија, како и вината Т’га за југ и Александрија.
Организатор на манифестацијата е Координацијата на советите и на претставниците на националните малцинства за Град Загреб, во соработка со Туристичката заедница на Град Загреб.

Тинка Б. Крстева