Посета во Домот за стари лица Ксавер

Претставување на македонското национално малцинство за Град Загреб
во домот за стари лица Ксавер

Во четврток на 26 септември 2019 година Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб се претстави во домот за стари лица Ксавер во Загреб.
Корисниците во Домот, сместени на падините на Медведница опкружени со зеленило и цвркот на горски птици уживаат во долгите меѓусебни разговори и дружења. Покрај тоа нивниот Дом постојано организира активности во согласност со нивните можности и склоности, културно – забавни програми и настани кои ја промовираат грижата за здравјето.
Во рамките на својата програма за Соработка со други институции -активност за пошироката заедница, Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, во соработка со Домот Ксавер организираше свое презентирање и дружење со корисниците.
Преку интересното презентирање на активностите на Советот, културата, историјата и природните убавини на Македонија, на корисниците на Домот им понудивме нови, ги потсетивме на познатите податоци и занимливости, а најважно им подаривме внимание и ја разигравме нивната дневната рутина. Запеавме, заигравме и наздравувајќи со познатата македонска Мастика си посакавме здравје до следната средба.