Македонските топоними во Егејска Македонија

Во организација на Советот на македонското национално малцинство за град Загреб на 21 јануари 2020 година во просториите на Трибина на Град Загреб, Каптол 27,
предавање одржа проф. др. Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје на тема “Македонските топоними во Егејска Македонија“.
Поздравен говор одржа претседателот на Советот, Благоја Мирчевски. Ги поздрави присутните гости меѓу кои беа др. Никола Гроздановски, почесен и доживотен претседател на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, Зорица Велиновска, член на Советот за национални малцинства при владата на Република Хрватска и протојереј ставрофор Кирко Велински, свештеник на Македонската Православна Црква во Загреб. Модератор на предавањето беше Јангле Малинов, член на Советот.
По кусиот вовед за македонскиот топонимиски систем, неговиот карактер и значењето, професор Јачева Улчар ги запозна присутните со обемната студија на славистот Макс Фасмер, која е посветена на словенските топоними во Грција. Имено, Фасмер во својата студија ја претставува просторната распространетост, структурата и етимологијата на словенските топоними во Грција во времето меѓу двете светски војни. Професор Јачева Улчар се задржа на периодот по Младотурската револуција и балканските војни, кога почнувајќи од 1909. година е иницирано преименување, односно заменување на словенските топоними во Егејска Македонија со грчки, а кое продолжува интензивно и во 20-тите години на 20-тиот век со помош на специјална комисија за преименување која е оформена од грчката влада токму со таа цел. Преименување на словенските топоними во Егејска Македонија завршува до крајот на Втората светска војна.
Професор Јачева Улчар се осврна и на состојбата со употребата на топонимите и македонскиот јазик во Воденско и Леринско денес, со најнови сознанија од теренот. Како најинтересно спомна, дека називите на микро локалитети: бунари, извори, ниви итн. останале и денес словенски, односно непроменети, бидејќи тие називи се пренесуваат усно од поколение на поколение.
На крајот, проф. Јачева Улчар предавањето го заокружи со третманот на топонимите во Преспанскиот договор, како неповолен за Македонија зато што топониминте означуваат историско, културно и идентитетско наследство на народ или локално население. Од создавањето на македонската држава 1991 година до ден денес не е оформена и не постои македонска Комисија за стандардизација на географските имиња која со својата работа би учествувала во поткомисијата (УНГЕГН) надлежна за тие прашања при ООН. Имено, таква Комисија би дефинирала став на македонската држава за топонимите.
По предавањето се одржа пригоден коктел и дружење со гостинката.

Споменка Демниева