Македонскиот вс. Бугарскиот јазик, историски преглед и современост

На 23 јануари 2020 година во просториите на Чешка Беседа Загреб, Шубиќева 20, проф. Др. Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик од Скопје одржа предавање на тема „Македонскиот наспроти бугарскиот јазик, историски преглед и современост“.

На почетокот на предавањето, Претседателот на Советот, Благоја Мирчевски, ги поздрави присутните гости меѓу кои беа и др. Никола Гроздановски, почесен и доживотен претседател на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, проф. Ивица Баковиќ од катедрата за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Загреб и учителката по македонски јазик Деспина Белчовска Велинска. Модератор на предавањето беше Споменка Демниева.

Професор Јачева Улчар даде краток вовед за потеклото на Македонскиот јазик кој припаѓа на јужнословенската група јазици, но според граматичките карактеристики и структура припаѓа на т.н. Балкански јазичен сојуз, меѓу кои се наоѓаат и бугарскиот, грчкиот и албанскиот јазик. Потоа ја претстави теоријата на двајца хрватски лингвисти-слависти Ватрослав Јагиќ и Ватрослав Облак, кои тврдат дека во основата на старословенскиот јазик, кој е темел на сите словенски јазици, се наоѓаат македонските наречја од околината на Солун. Тука се раѓа глаголицата на Кирил која потоа со брат му Методиј ја шират со Моравската мисија. За таа цел на словенски јазик и на глаголско писмо Кирил и Методиј превеле повеќе црковни дела, од кои за жал ништо не е сочувано, па денес не постојат ракописи од периодот на нивното дејствување. Интересна е претпоставката дека браќата Кирил и Методиј имале околу 200 ученици. Не помалку значајно е доаѓањето на учениците Климент и Наум во Охрид, со осврт на причините зашто биле “упатени“ токму во Охрид. Тие тука започнуваат ракописна дејност и во краток период во Охрид е создадена Охридската книжевна школа. Првиот писмен словенски јазик се нарекува црковнословенски. Во црковнословенскиот период веќе се разликуваат две редакции, македонската и бугарската, на кои разлики укажува францускиот лингвист Андре Мазон. Тие разлики, иако не круцијални, се видливи, па веќе во тоа време може да зборуваме за два различни јазика.

Професор Јачева Улчар се задржа на периодот на 19 век, каде зборувајќи за јазичната состојба во Македонија, ги истакна ставовите на Крсте Мисирков кои се јасно изразени во неговото дело „За македонските работи“.

На крајот на предавањето, проф. Јачева Улчар ја истакната работата на Блаже Конески. Напомна дека тој уште во 1945 година направи кодификација на македонскиот јазик која е темел на современиот македонски јазик. Блаже Конески е творец на првиот правопис и првата граматика на македонскиот јазик, а учествувал и во составувањето на првиот тритомен речник на македонскиот јазик.

По предавањето се одржа пригоден коктел и дружење со гостинката.

Споменка Демниева