Mеѓународен ден на мајчиниот јазик

Мајчиниот јазик – знак за потекло

Мајчин јазик оној кој го учиме во најраното детинство. Се совпаѓа со јазикот на мајката или еден од родителите. Мајчиниот јазик е „коден образец„ кој ја носи топлината на детската лулка и мирисите на родниот крај. Мајчиниот јазик е татковината каде и човек да живее. Преку мајчиниот јазик ја превземаме и пренесуваме традицијата на поколенијата. Накратко – мајчиниот јазик е знак на потекло.
Токму затоа врз основа на UNESCO-вата одлука Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се обележува секоја година на 21 февруари, со цел унапредување, учење и развој на мајчиниот јазик и негување на јазичната и културната различитост.
И оваа година како и досега националните малцинства во Град Загреб организирано во присуство на бројни гости го обележаа овој важен датум. Во Чешка Беседа на 22 февруари 2020 година под водство на наставниците и водителите настапија учениците кои во Загреб ја посетуваат наставата на јазикот и културата на националното малцинство на кое припаѓаат.
Шаренилото на традиционални носии и зборови не потсетија дека јазиците не се само витален дел од цивилизациското културно наследство, туку се и незаменлив израз на човечката креативност, а истовремено наша морална и практична обврска со која единствоно можеме да го зачуваме нашето потекло и идентитет.

Зорица Велиновска