Концерт на Фолклорниот ансамбл Отекс фолк Охрид

На 14 декември 2018 година во салата на Културниот центар Травно во Загреб, концерт одржа Фолклорниот ансамбл Отекс фолк од Охрид. Со песни и ора од родниот крај ја доближија Македонија до Македонците од Загреб и нивните пријатели.
Концертот започна со песната „Билјана платно белеше„, со интересна кореографија во текот на која членките на ансамблот го простираа платното по бината, имитирајќи прастар обичај на перење алишта на реките и езерата. Се продолжи со песните и ората од Охридско и другите делови на Македонија во автентични народни носии. Водителот на ансамблот Димче Трајчески во придружба на оркестарот отпеа неколку македонски народни песни „Македонско девојче„, Јовано Јованке, Битола.
Ансамблот Отекс фолк од Охрид годинава прослави 35 години од своето постоење. Формиран е во 1983 година на иницијатива на тогашниот директор на текстилниот гигант „Отекс„. Друштвото брои повеќе од 200 членови, кои се поделени во три групи: детски состав, друга и прва група. КУД Отекс во 2011 година го промени името во Фолклорен ансамбл Отекс фолк. Неговите членови настапуваа во многу земји од Светот и учествуваа на многубројни меѓународни фестивали.
На крајот од концертот, членовите на ансамблот на бината заиграа со публиката.